го чекам батко да дојде. ќе си поседиме, тој ракијка, јас коњаче. ќе бараме проблеми и таму каде ги нема, ќе го бараме одговорот за нашата викенд утопија. ескапизам на дело. во секој од нас се крие хедонистичка душа, која не сака да биде поместена од нејзината комфорна зона – еднаш штом ќе се најде во средината на истата. затоа во одредени текстови се пронаоѓаме, а во други воопшто не или бледо, како низ магла, најчесто за да се поддржи креацијата. да се потчукне со ногата, но така не се ловат моменти, така со сигурност се плашат, ако претпоставиме дека таквите фотографии кои се врежуваат во нашата меморија не се ништо повеќе од некое мало животинче кое гледа дирекно со нашите очи со треперење и со мал грч да избега, доколку се забрза ритамот на нашата нервоза. тишината пред да се постигне, во таа примарна, чиста форма, заштитена е од звучна мембрана во која ечат сите ритмови кои некогаш влегле низ ушната шупелка во нашето постоење.
животот не би требало да биде ништо повеќе од букви и ноти и веслање, леко лебдење во исчекувањето на милувањата кои ежето во нас ќе го отворат.
утре делчево. пријатели и поезија. а и крај на месец, не видов дали ова ми е прв пат да пишувам овој месец, иако секој ден ми беше отворено. чудно тоа пишувањето, дури и ко би требало да биде ослободена од тежината на елоквентната камера, која нормално нели поставена како трето око на нашето чело, ги снима и ажурира беспрекорно сите наши чекори.